Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
26.12.2011
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
ОСНОВЕН СУД КРУШЕВО - НАДЛЕЖНОСТИ
Надлежност
Закон за судови (Службен весник 58/06)

Основните судови се основаат за една или повеќе општини чие подрачје е определено со овој закон.
Основните судови, согласно со стварната надлежност судат во прв степен и се основаа како судови со основна надлежност и судови со проширена надлежност.

Основниот суд Крушево е суд со основна надлежност, надлежен да одлучува во прв степен по кривични дела и прекршоци, и тоа:

- за кривични дела за кои со закон како главна казна е определена казна затвор до пет години, ако за некои кривични дела не е предвидена надлежност на друг суд,
- за кривични дела за кои со посебен закон е определена надлежност на суд со основна надлежност,
- да спроведува истрага или истражни дејствија за кривични дела од својата надлежност,
- за сите видови на прекршоци, освен за прекршоци кои со закон се ставени во надлежност на орган на државна управа или организација, или друг орган што врши јавни овластувања,
- за жалби и приговори за постапките за кои е надлежен овој суд.

Основниот суд во Крушево е надлежен да одлучува во прв степен по граѓански спорови, и тоа:

- за спорови во имотно – правни и други граѓанско – правни односи на физички и правни лица, чија вредност е до 15.000 евра во динарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
- за спорови за утврдување и оспорување на татковство, мајчинство, утврдување на постоење на брак, за поништување и развод на брак,
- за законска издршка,
- за чување и воспитување на деца,
- за смеќавање на владение,
- за доживотна издршка,
- за надоместок на штета која не надминува 15.000 евра во динарска противвредност,
- во постапка за обезбедување и извршување,
- за работни односи,
- во спорови од наследно – правни односи,
- во вонпарнични и оставински работи,
- да води тапии и
- за други работи утврдени со закон.

Согласно новиот Закон за судови (Службен весник 58/06 од 11.05.2006 година) Основниот суд Крушево станува суд со основна надлежност само за подрачјето на општина Крушево и селата кои гравитираат кон општината: Бучин, Пресил, Свето Митрани, Милошево, Врбоец, Алданци, Норово, Селце, Јакреново, Саждево, Борино, Горно и Долно Дивјаци, Пуста Река, Арилево и Острилци.
  • Историјат
  • Судска Зграда
  • Годишни Извештаи
  • МЕСЕЧНИ ИЗВЕШТАИ

Историјат
Првиот суд во Крушево формиран е 1918 година под име Општински суд. Овој суд во тоа време работел предмети од областа на прекршоците и граѓански спорови чија вредност изнесувала до 500 тогашни динари.
Истиот постои до 1934 година, кога се формира Срески суд кој постои до 6 април 1941 година. Срескиот суд ги решавал сите кривични и граѓански предмети кои биле ставени во надлежност на среските судови според тогашните прописи.
Во периодот од 1934 г. до 1947 г. со постоењето на судот во Крушево постоеле и три адвокатски кантори – канцеларии со адвокатите: Тача Јанакиески, Иван Јошески и Иван Чапароски.

Во април 1941 година се формирал бугарски Околиски суд кој постои до 1944 година, а од 1944 - 1947 година во Крушево постоел Околиски суд.

Од крајот на 1947 година до 1957 година во Крушево се одржувале расправи под надлежност на Околискиот суд во Прилеп. Во 1957 година во Крушево е формиран Околиски суд кој потоа преминал во Општински суд.

Во 1960 година судската зграда се запалила и изгорени се сите списи и предмети кои постоеле при судот, како и предмети што се решавале во текот на постоењето на судот во Крушево. По пожарот поголем дел од предметите чие решавање било во тек, постапката за истите била обновена и довршена при овој суд.
Во 1980 година Општинскиот суд во Крушево е префрлен во ново изграден објект заедно со судот за прекршоци.

Од формирањето на судот во Крушево па до денес, претседатели биле следните лица:
- од 1918 до 1934 г. претседатели на Општински суд Крушево биле кметови на тогашната општина,
- од 1934 г. до 1941 г. претседател на судот бил Јоксимовиќ Н., а како судија работел Никола Ѓурковиќ се до 1936 г.
- од 1936 г. до 1938 г. судија бил Никола Ембулаев,
- од 1938 г. до 1941 г. судија бил Реља Димитриевич,

За време на окупацијата од 1941 г. до 1944 г. во судот работеле судии поставени од страна на бугарските окупатори.

- од 1944 г. до крајот на 1947 г. претседател и судија бил Ванѓел Ацески, кој потоа станал судија на Врховниот суд на Македонија.

- од 1957 г. до 1959 г. судија и претседател бил Димитар Башески,
- од 1959 г. до 1960 г. судија и претседател бил Јован Деребанов,
- од 1960 г. до 1965 г. судија и претседател бил Милан Костоски,
- од 1965 г. до 1980 г. претседатели на Општинскиот суд Крушево биле судијата Кочо Хаџи-Лега, кој подоцна станува судија на Врховниот суд на Македонија, а после него судиите Милан Сазданоски и Киро Пашоски,
- од 1980 год. кога Општинскиот суд во Крушево е преместен во нова зграда, па се до крајот на 2007 год. наизменично претседатели биле судиите Кочо Ѓоргиоски и Благоја Бошкоски,
- од декември 2007 год. до февруари 2009 год. Претседател на Основен суд Крушево е судијата Кочо Иваноски.

Од 2009 год. до денес Претседател на судот е судијата Благоја Бошкоски.

Структура на судска зграда
Приземје


На приземјето, на влезот од судската зграда сместени се судската полиција, телефонската централа, доставната служба како и следните одделенија:

Одделение за прием и експедиција
Вонпарнично одделение
Прекршочно одделение
Извршно одделение
На приземјето предвидена е просторија за шалтерско работење која моментално се користи како архива. Исто така на приземјето се сместени и канцелариите на информатичарот, домаќинот - магационерот и канцеларијата на судскиот преведувач. Обезбедена е просторија за адвокатите и една просторија за одземени предмети.

I Кат

На првиот кат сместени се: кабинетот на Претседателот на судот, кабинетите – канцелариите на судиите, канцелариите на стручните соработници, дактилобиро, граѓанско и кривично одделение и две судници.


Поткровје

Во поткровјето сместена е архивата на граѓанско и кривично одделение.

Судската зграда располага и со подрумски простор во кој е сместена котларата на судот како и гаражата за судските возила